Културата на Хелените - митологија и религија, олимписки игри Flashcards
(7 cards)
Што е митологија и како настанала?
Како и другите народи од тоа време, и Хелените не можеле да ги разберат и објаснат причините за некои појави во природата и во општеството. Тие појави ги објаснувале како невидливи, натприродни и натчовечки сили. Приказните за тие сили, за боговите и за хероите се викаат митови. Сите митови заедно ја сочинуваат митологијата на еден народ.
Кој бил врховен, главен бог? Кои други богови ги знаеш?
Хелените имале многу богата митологија. Хелените верувале во многу богови. Врховен бог бил Зевс. Тој бил господар на светот, на боговите и на луѓето. Покрај него многу почитувани биле и Хера – божица на небото и жена на Зевс, Аполон – бог на светлината и заштитник на уметноста, Атена – божица на мудроста, Афродита – божица на убавината и многу други.
Како Хелените ги замислувале боговите?
Хелените верувале дека боговите имаат човечки изглед и човечки особини, и дека живеат во убави дворци на врвот на планината Олимп. На своите богови Хелените им граделе храмови, каде што се молеле и им носеле подароци.
Во што друго верувале Хелените освен во богови?
Хелените верувале и во титани, кои имале натприродна сила, и во херои-полубогови. Најпознат титан бил Прометеј, а најголем херој бил Херакле.
Што се олимписки игри и како го добиле името?
Хелените приредувале разни свечености во чест на боговите. Најпознати биле олимписките игри. Тие се организирале секоја четврта година во чест на богот Зевс. Се одржувале во градот Олимпија на Пелопонес, каде што се наоѓал најпознатиот храм на богот Зевс. По местото на одржување, игрите го добиле и своето име.
Што се случувало за време на игрите? Во кои дисциплини се натпреварувале? Како ги славеле победниците?
За време на олимписките игри прекинувале сите непријателства и бил воспоставуван свет мир, што го почитувале сите Хелени. Игрите траеле пет дена. Учесниците се натпреварувале во трчање, скокање, борење, фрлање копје и диск, трки со коњи и други дисциплини. Победниците биле прославувани во цела Хелада како големи јунаци, а како награда на главата им ставале венци од маслинови гранчиња.
Кога биле одржани првите олимписки игри?
Првите олимписки игри биле одржани во 776 година пред н.е., а биле укинати во 393 година од н.е.