Хелада - услови, најстари култури Flashcards
(8 cards)
Каде се наоѓала Хелада и какви биле природните услови?
Во античко време, Хелада го опфаќала крајниот јужниот дел на Балканскиот Полуостров. Во поширока смисла на зборот, поимот Хелада ги опфаќал и островите во Егејското и Јонското Море. Земјата била претежно планинска. Највисока била планината Олимп. Во Хелада немало големи реки со плодни долини, какви што имало во земјите на Стариот Исток. Од сите страни, освен од северната, била обиколена со море. Источното крајбрежје имало многу заливи погодни за пристаништа, многу полуострови и острови. Тоа овозможувало поволни услови за развој на морепловството.
Кои се двете најстари култури на територијата на Хелада?
Критската и Микенската култура
Каде се наоѓала кристската култура и кој бил нејзин центар?
Најстарата култура на почвата на Хелада ја нарекуваме Критска култура. Нејзин центар бил островот Крит, особено градот Кносос, каде е откриена голема и богато украсена палата со прекрасни фрески. За жал, не знаеме кои биле луѓето што ја создале оваа култура, ниту пак на кој јазик зборувале. За нив сведочат само материјалните остатоци.
Како настанала Микенската култураа?
Во почетокот на вториот милениум пред н.е., од север во Хелада започнале да се населуваат преселнички племиња. Не знаеме како се викале самите себеси, но поетот Хомер ги нарекува Ахајци. Врз основа на Критската, тие создале своја култура, наречена Микенска култура – по градот Микена, каде што се најдени првите материјални остатоци.
Што се случило во 1200 година пред н.е? Како Хелада го добила името?
Околу 1200 години пред н.е., во Хелада навлегле нови племиња и се измешале со претходното население. Во делата на старите писатели, тие се нарекуваат Дорци, Јонци и Ајолци. Најпосле, жителите на југот на Балканскиот полуостров се нарекле Хелени, а нивната татковина го добила името Хелада. Хелените уништиле голем дел од Микенската култура, но прифатиле еден дел и го развиле уште повеќе.
Зошто времето од XII до VIII век пред н.е. го
нарекуваме «Хомерово време”?
За најраната историја на Хелада најмногу дознаваме од познатите епови „Илијада“ и „Одисеја“. Според преданието, тие му се припишуваат на поетот Хомер. Затоа, времето што е опишано во нив (XII-VIII век пред н.е.) се нарекува Хомерово време.
За што се раскажува во Илијада?
Во „Илијада“ се раскажува за Тројанската војна. Таа се водела меѓу Ахајците и Тројанците од градот Троја во Мала Азија. Ахајците десет години ја опсадувале Троја. Во борбите околу Троја се прославиле многу јунаци на двете страни. Кај Ахајците најпознат јунак бил Ахилеј, а кај Тројанците Хектор. Со помош на итрина, Ахајците најпосле ја освоиле и ја разурнале Троја.
За што се раскажува во Одисеја?
Настаните во „Одисеја“ се случуваат по завршувањето на Тројанската војна. Во неа се раскажува за враќањето дома на ахајскиот јунак Одисеј, кралот на Итака. Тој десет години талкал по разни земји и мориња. Со својата итрина и храброст успеал да преживее многу опасности на патот и среќно да се врати дома, кај својата верна жена Пенелопа. Еповите Илијада и Одисеја спаѓаат меѓу најславните дела на светската книжевност.